Компаниите кои со години вложуваа милијарди во „копање“ биткоини сега ја пренасочуваат својата опрема и инфраструктура кон вештачката интелигенција. Причината е едноставна – бизнисот со биткоини станува сè помалку исплатлив, додека побарувачката за компјутерска моќ за развој на AI расте.
До неодамна, огромни компјутерски системи во индустриски објекти ширум светот работеа без престан за една цел – создавање нови биткоини.
Компаниите за „копање“ криптовалути инвестираа големи суми во моќни компјутери, особено во периодот кога цената на биткоинот нагло растеше. Но, по падот на вредноста на криптовалутата од рекордното ниво во октомври 2025 година, наградите за копање се намалија, а дел од компаниите почнаа да бараат нов начин да ја искористат својата скапа опрема.
Одговорот го најдоа во – вештачката интелигенција.
Наместо компјутерите да ги користат исклучиво за биткоин, сè повеќе компании ги пренаменуваат за обработка на огромни количества податоци поврзани со развојот и работењето на системите со вештачка интелигенција.
Некои од нив веќе склучуваат големи договори со технолошки компании кои трошат милијарди долари за да обезбедат доволно компјутерска инфраструктура во трката за доминација во областа на AI.
Од биткоин кон вештачка интелигенција
Биткоинот, како и системите за вештачка интелигенција, се потпира на огромен број моќни компјутери сместени во дата центрите.
Кај биткоинот, компјутерите вршат сложени пресметки со кои се потврдуваат трансакциите во мрежата. Како награда, компаниите добиваат новосоздадени биткоини.
Но, наградите за копање постепено се намалуваат, додека трошоците за електрична енергија, одржување на опремата и работа на дата центрите остануваат високи.
Биткоинот во октомври 2025 година достигна вредност од околу 124.000 долари, по што следуваше остар пад. Во август годинава повторно се искачи на околу 80.000 долари, што претставува раст од речиси 30 отсто само во текот на месецот.
Сепак, за компаниите кои веќе ја пренамениле својата инфраструктура, ниту овој раст нема да биде доволен за враќање кон старото работење. Причината е што повторното приспособување на опремата за копање биткоини е скапо и сложено.
Компјутерите сега „копаат“ вештачка интелигенција
Аналитичарите сметаат дека компаниите за копање биткоини имаат значителна предност кога станува збор за новата индустрија.
Тие веќе со години знаат како да обезбедат евтина електрична енергија и како ефикасно да управуваат со огромни центри за податоци – токму она што им е потребно и на компаниите кои развиваат вештачка интелигенција.
Меѓу компаниите кои сè повеќе ги пренасочуваат инвестициите и инфраструктурата од биткоин кон AI се TerraWulf, Ionic Digital, Core Scientific, Iris Energy, Bitdeer, Riot Platforms и Hut 8.
Еден од најголемите примери е Riot Platforms, која овој месец склучи 20-годишен договор вреден девет милијарди долари со компанијата Anthropic за обезбедување компјутерска моќ.
Тоа е јасен знак дека некогашните гиганти во светот на криптовалутите сè повеќе го гледаат бумот на вештачката интелигенција како попрофитабилна иднина.
Промената се гледа дури и во имињата и веб-страниците на компаниите. Фирми кои до вчера беа препознатливи како центри за копање биткоини сега сопствениот бренд го сврстуваат во новата индустрија – индустријата на вештачката интелигенција.
Така, компјутерите кои некогаш создаваа дигитални пари, сега се претвораат во инфраструктура за една нова златна треска – трката по вештачка интелигенција.

