Холандската централна банка префрли десетици тони злато од САД и Канада во Лондон, во потег што го образложува со потребата од поголема подготвеност од евентуална криза и можни сериозни нарушувања на глобалниот пазар.
Холандската централна банка (DNB) потврди дека 86 тони злато биле повлечени од САД и Канада и префрлени во Европа, во операција која траела неколку месеци.
Според DNB, причината се „зголемените геополитички тензии“, а целта е холандските златни резерви да бидат достапни во случај на криза.
Дел од златото физички бил пренесен од Њујорк и Отава до Холандија. Околу 27 тони златни прачки потоа биле префрлени во Лондон, каде што се чуваат во трезорите на Банката на Англија.
За остатокот од резервите била применета поинаква стратегија: златото било продадено во Њујорк, а потоа повторно купено во Лондон. На тој начин, објаснува DNB, се редуцирале ризиците поврзани со физичкиот транспорт на огромната количина од овој благороден метал.
Меѓутоа, холандската централна банка не открива како точно биле транспортирани десетиците тони злато преку Атлантикот,.
Зошто токму Лондон?
Претседателот на DNB, Олаф Слејпен, потегот го оцени како „неопходен за зајакнување на отпорноста и подготвеноста“ на земјата.
Златото складирано во Банката на Англија се смета за едно од најлесно тргуваните златни средства во светот. Тоа значи дека во услови на финансиска или геополитичка криза може побрзо да се продаде или искористи отколку доколку остане складирано во САД или Канада.
Потегот доаѓа во период на зголемени трговски и геополитички тензии. САД и Канада се во трговски спор и по неуспешните преговори меѓусебно воведоа нови царини.
DNB не прецизираше на кои конкретни случувања се однесува кога зборува за „геополитички немири“, но глобната економија во моментов се соочува со значителна неизвесност поради војната, трговските ограничувања и нарушувањата на меѓународната трговија.
Каде е холандското злато?
Пред трансферот, 31,3 отсто од холандските златни резерви биле во Њујорк, а 19,7 отсто во Отава. По операцијата, уделот на златото складирано во двете земји паднал на по 18,5 отсто.
Истовремено, уделот на холандските резерви во Лондон значително се зголемил – од 18,1 на 32,1 отсто.
Холандија и понатаму значителен дел од своето злато во чува земјата – околу 30,8 отсто од резервите.
Вкупните холандски златни резерви на крајот од 2025 година изнесувале 612,4 тони, со проценета вредност од околу 72,2 милијарди евра.
Преместувањето на резервите не значи дека Холандија се ослободува од златото. Напротив, станува збор за промена на местото на чување со цел, како што велат од централната банка, златото да биде побрзо достапно токму во момент кога би можело најмногу да ѝ биде потребно на земјата.

